Агенција за филм

Информации
Основната цел на Агенцијата за филм е развој и унапредување на филмската дејност во Република Северна Македонија
Агенција за филм
Агенцијата за филм е основана со Законот за филмската дејност (сл. Весник бр.82/2013). Своето работење го почнува на 01.01.2014 година како правен наследник на Филмскиот Фонд на Република Северна Македонија.

Основната цел на Агенцијата за филм е развој и унапредување на филмската дејност во Република Северна Македонија. Преку континуираната поддршка на производството на филмови од национален интерес во филмската дејност, поддржување на реализација на меѓународни филмски копродукции, грижата за унапредување на стручните кадри, поттикнување на развој на домашни сценарија, промоцијата на домашното филмско творештво на врвни меѓународни фестивали и настани, како и промоција на Република Северна Македонија како земја која располага со поволни услови за привлекување на странски продукциски компании за снимање на филмови, Агенцијата го трасира патот до остварувањето на својата цел. Средствата за работа на Агенцијата за филм се обезбедуваат од Буџетот на Република Северна Македонија и од други извори утврдени со Законот за филмската дејност.

ФИНАНСИРАЊЕ НА ПРОЕКТИ ОД НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС ВО ФИЛМСКАТА ДЕЈНОСТ

За финансирање на проекти за производство на долгометражен или краткометражен игран филм, за документарен филм и за анимиран филм, Aгенцијата за филм, еднаш годишно, во јануари, објавува конкурс, кој трае во текот на целата година. По доставените филмски проекти кои се јавиле на конкурсот се одлучува двапати годишно во април и октомври.

За финансирање на проекти кои се од национален интерес во филмската дејност, агенцијата за филм во текот нс годината објавува конкурс за финансирање на проекти за поддршка на пишување на сценарија и конкурс за финансирање на проекти за организаирање на домашни фестивали и други филмски манифестации од меѓународен карактер.

За вршење на стручни работи од надлежност на агенцијата како и за превземање на мерки за унапредување на филмската дејност формиран е Филмски совет, додека за евалуацијата на филмските проекти кои аплицираат на конкурсот објавен од страна на Агенцијата за филм именувани се Филмски рецезенти. За оценка на оперативните планови и буџетот на филмските проекти кои аплицираат на конкурсот објавен од страна на Агенцијата за филм именуван е Финансиски советник.